За - TMclass
logo
Индекс

Накратко

TMclass ги собира на едно место базите на податоци за класификација (термини или описи на производи и услуги) од секој завод (трговски марки) учесник (ЗУ) за да го олесни процесот на класифицирање на вашите производи и услуги. Оваа класификација е неопходен чекор кога поднесувате барање за заштита на трговска марка, било да е меѓународна трговска марка или трговска марка на Европската унија, која ѝ дава заштита на вашата трговска марка во сите земји-членки на ЕУ или во конкретна земја за таа трговска марка.

Кога пребарувате термин за класификација во TMclass, ќе видите во кои бази на податоци од завод-учесник се појавува тој термин. Доколку терминот не се појави во база на податоци на завод-учесник, тоа не значи дека терминот ќе биде задолжително отфрлен од заводот-учесник. Меѓутоа, постапката за поднесување на барањето во одреден завод-учесник може да трае подолго ако изберете термин којшто не е дел од базата на податоци во тој завод-учесник, бидејќи не може да се класифицира автоматски.

Ако изберете термини од повеќе класи, веројатно ќе треба да платите дополнителни трошоци. На пример, трошокот за регистрација во EUIPO ја вклучува можноста да изберете до 3 класи, додека во заводот во ОК (UKIPO), за секоја дополнителна класа се плаќа мал трошок. Проверете во заводот-учесник каде што ја регистрирате трговската марка.


Историјат

Во минатото, заштитата на трговската марка се вршеше на основа на земја по земја. Беше мошне сложен процес затоа што требаше да го знаете јазикот за да можете да барате заштита на трговската марка во друга земја. Исто така, начинот на кој различни земји ги класифицираа производите и услугите драстично се разликуваа.

Од 1957 година имаше серии на иницијативи за да се изврши обединување на начинот на кој различни заводи и земји ги класифицираат производите и услугите за заштита на трговските марки. Меѓу овие иницијативи се Ничанската класификација, Трилатералниот договор и Проектот за усогласување, како што е наведено подолу.

Структурата на дрвото е административна алатка која им служи како помош на корисниците за да разберат каде може да се класифицира терминот пред да се регистрира одредена трговска марка. Алатката е развиена од EUIPO и националните заводи на ЕУ во соработка со СОИС (WIPO). Оваа структура се заснова на Ничанската класификација, но не е официјален дел од системот за класификација од Ница. Нема никакво правно влијание врз проверката на трговските марки или на споредбата на производи и услуги.

Ничанската класификација

Ничанската класификација, со која управува СОИС (WIPO) од 1957 година, претставува систем за класифицирање на производи и услуги со цел за регистрирање на трговски марки. Таа беше воспоставена според мултилатерална спогодба, наречена Договор од Ница, и се однесува на меѓународна класификација на производи и услуги со цел регистрација на марки со која управува СОИС (WIPO) и е склучена во 1957 година (www.wipo.int).

Многу земји ја усвоија Ничанската класификација со цел класифицирање на производите и услугите за заштита на трговски марки.

Ничанската класификација опфаќа Класни заглавија, Напомени со појаснување и азбучен Список на производи и услуги. Класните заглавија на Ничанската класификација многу општо ја опишуваат природата на производите и услугите што се содржани во секоја од 34 класи на производи и 11 класи на услуги. Секоја класа има Напомени за појаснување кои го опишуваат видот на вклучениот производ или услуга, а во некои случаи не се ни вклучени во класа. Азбучниот список поставува конкретни ставки на стоки и услуги по азбучен редослед и во секој случај се прикажува соодветната класа.

Во TMclass има описи на производи и услуги означени со буквата Н. Тоа е показател дека терминот е од азбучниот Список од Ничанската класификација. Овој показател ќе се појави само во податоци што доаѓаат од EUIPO.

Список на производи и услуги што се состои само од описи пронајдени во Ничанската класификација ќе се прифатат како правилно класифициран доколку описите се користат во класата означена од страна на базата на податоци.


Идентификациски список

TM5 ги опфаќа Заводот за патенти и трговски марки на САД (US Patent & Trademark Office – USPTO), Јапонскиот патентен завод (Japan Patent Office – JPO), Корејскиот завод за интелектуална сопственост (Korean Intellectual Property Office – KIPO), Државната управа за индустрија и трговија на НРК (State Administration for Industry & Commerce of the People’s Republic of China – CNIPA) и Заводот за интелектуална сопственост на Европската унија (EUIPO). Еден од проектите во состав на оваа рамка на соработка се однесува на списокот за идентификација.


Проект за усогласување

Целта на усогласувањето на класификацијата е да се постигне заедничка практика за класификација кај заводите-учесници со цел на корисникот да му се овозможи претставување на еден единствен список на производи и услуги на сите јазици и еден начин за примена на практиката за класификација, а со тоа да може на ист начин да се прифатат или одбијат списоци на производи и услуги.

Основа:

Ничанската класификација е воспоставена главно од административни причини. Ја усвоија многу заводи за трговски марки, вклучувајќи го и EUIPO, за класификација на производи и услуги за регистрација на трговски марки. Кога одредена ставка на производи и услуги нема да се појави во азбучното подредување, тогаш се користат низа на правила за класификација за да се одреди класата. Бидејќи ова може да биде подложно на различни толкувања, во последниве децении заводите развија различни практики за класификација.

Овие разлики предизвикуваат забуни. Тие не се лесни за користење и не им овозможуваат на подносителите да имаат единствен список за класификација за истата трговска марка во различни заводи.

Идејата за усогласување дојде за време на конференција на TMclass во јули 2008 година. Сите учесници се согласија дека не треба да има разлики во класификацијата кај заводите. Почетната точка за нова усогласена база на податоци беше поставена во содејство на UKIPO и EUIPO согласувајќи се околу заедничка база на податоци за производи и услуги на англиски јазик. Шведска се согласи да го следи примерот така што ја преведе англиската база на податоци на шведски јазик како нивен официјален список. Другите заводи се согласија да го следат овој пристап, а интерес покажа поголемиот дел од заводите во ЕУ.

Сите европски заводи со англиски како работен јазик (EUIPO, ОК, Ирска и Малта) го усвоија англискиот усогласен список.

Крајната замисла е да се создадат ситуации без проблеми, како што е следнава: подносителите на барања за трговска марка да користат заеднички список на класификација во различни заводи кои се согласиле однапред да го прифатат. Ризикот од забелешки од страна на подносителите на барања е низок, а заводите-учесници се соочуваат со помал број нецелосни барања.

TMclass ги посочува разликите во класификацијата кои остануваат помеѓу заводите-учесници и ќе остане важечка самостојна алатка на европско ниво, секогаш отворена за вклучување нови заводи.

Моментално повеќе од половината од националните заводи и EUIPO (Завод за интелектуална сопственост на Европската унија) даваат податоци за TMclass. Наскоро и СОИС (Светска организација за интелектуална сопственост) (WIPO) ќе ги вклучи своите бази на податоци.